Информации Надлежности Организација Предности

Основни информации за Арбитражата во Република Македонија

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија. Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност.

Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, функционира од 1993 година. Во изминатиов период, работењето на Арбитражата при Стопанската комора на Македонија се одвиваше согласно со автономните арбитражни правила на институцијата. На 20 април 2011 година е донесен нов Правилник за работата на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, со цел осовременување на арбитражното решавање на споровите и имплементирање на актуелните трендови во оваа сфера. 

Како да се договори надлежност на арбитражата?

Договарањето на надлежноста на арбитражата се врши со писмен договор, кој може да биде во вид на арбитражна клаузула предвидена во основниот договор или во вид на посебен договор со кој на недвосмислен начин се утврдува дека надлежност за решавање на одреден спор ќе има Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со утврдените правила на постапката.

За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

"Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража".

Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.

Организација на Постојаниот избран суд - Арбитража

Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија своите надлежности ги врши преку претседателот на Арбитражата, потпретседателите и другите членови на претседателството, преку секретарот на Арбитражата и арбитрите кои како арбитри-поединци или во арбитражни совети постапуваат во споровите пред Арбитражата или во врска со нив.

 

Членови на Претседателството на Постојаниот избран суд - Арбитража се:

Претседател:

- д-р Горан Рафајловски, Рафајловски консалтинг Скопје;

Потпретседател:

- проф. д-р Татјана Зороска - Камиловска, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје;

Членови на Претседателството:

- проф. д-р Тони Дескоски, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје;

- Мери Младеновска Ѓорѓиевска, Адвокатска канцеларија Мери Младеновска Ѓорѓиевска;

- Никола Наџаков, Адвокат Никола Наџаков Штип;

- д-р Валентин Пепељугоски, Адвокатско друштво Пепељугоски Скопје;

- Гоце Цоневски, Адвокатска канцеларија Гоце Цоневски Скопје;

Секретар на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија е м-р Татјана Штерјова.

  

Зошто да се договори надлежност на арбитражата?

Многубројни се причините поради кои  треба да се договара надлежноста на арбитражата. Некои од причините се следни:

Непристрасност во одлучувањето - со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера

Стручност - арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите се познати и признати експерти во својата област и за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава.

Степени на одлучување - во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен.

Брзина на постапката - вообичаено траење на арбитражната постапка е 6-9 месеци.

Кратки рокови - роковите што ги одредува Арбитражниот суд за поднесување на поднесоците не би требало да се подолги од 30 дена.

Доверливост - арбитражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само во согласност со странките.

Правосилност и извршност на арбитражната одлука - Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна.

Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, истата може да се изврши по пат на присилно извршување.

Постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража е уредена со следните акти:

- Правилник на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Одлука за изменување и дополнување на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

Правилник на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија - неофицијален пречистен текст

- Правила за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Одлука за изменување и дополнување на Правилата за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Правила за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија - неофицијален пречистен текст


Арбитражата има две листи на арбитри - за спорови без меѓународен елемент кои се водат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија и за спорови со меѓународен елемент кои се водат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

 

Арбитражата при Стопанската комора на Македонија има склучено спогодби за соработка со Арбитражите при коморите во Словенија, Хрватска, Бугарија, Украина, Руската Федерација, Србија и Косово.