Информации Надлежности Организација Предности Политика

Основни информации за Арбитражата

Почитувани,

Ве информираме дека поради состојбите поврзани со пандемијата на КОВИД – 19, доставата на поднесоците и другите писмена до Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија може да се врши и електронски на следната е - адреса: elena@mchamber.mk, пропратени со писмена документација согласно одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

 

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Северна Македонија. Арбитражата е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Северна Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност.

Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, функционира од 1993 година. Во изминатиов период, работењето на Арбитражата се одвиваше согласно со автономните арбитражни правила на институцијата. На 20 април 2011 година е донесен нов Правилник за работата на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, со цел осовременување на арбитражното решавање на споровите и имплементирање на актуелните трендови во оваа сфера. 

Како да се договори надлежност на арбитражата?

Договарањето на надлежноста на арбитражата се врши со писмен договор, кој може да биде во вид на арбитражна клаузула предвидена во основниот договор или во вид на посебен договор со кој на недвосмислен начин се утврдува дека надлежност за решавање на одреден спор ќе има Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, во согласност со утврдените правила на постапката.

За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

"Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража".

Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.

Организација на Постојаниот избран суд - Арбитража

Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија своите надлежности ги врши преку претседателот на Арбитражата, потпретседателите и другите членови на претседателството, преку секретарот на Арбитражата и арбитрите кои како арбитри-поединци или во арбитражни совети постапуваат во споровите пред Арбитражата или во врска со нив.

 

Членови на Претседателството на Постојаниот избран суд - Арбитража се:

Претседател:

- д-р Горан Рафајловски, Рафајловски консалтинг Скопје;

Потпретседател:

- проф. д-р Татјана Зороска - Камиловска, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје;

Членови на Претседателството:

- проф. д-р Тони Дескоски, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје;

- Мери Младеновска Ѓорѓиевска, Адвокатска канцеларија Мери Младеновска Ѓорѓиевска;

- Никола Наџаков, Адвокат Никола Наџаков Штип;

- д-р Валентин Пепељугоски, Адвокатско друштво Пепељугоски Скопје;

- Гоце Цоневски, Адвокатска канцеларија Гоце Цоневски Скопје;

Секретар на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија е д-р Елена Милевска Штрбевска.

  

Зошто да се договори надлежност на арбитражата?

Многубројни се причините поради кои  треба да се договара надлежноста на арбитражата. Некои од причините се следни:

Непристрасност во одлучувањето - со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера

Стручност - арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите се познати и признати експерти во својата област и за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава.

Степени на одлучување - во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен.

Брзина на постапката - вообичаено траење на арбитражната постапка е 6-9 месеци.

Кратки рокови - роковите што ги одредува Арбитражниот суд за поднесување на поднесоците не би требало да се подолги од 30 дена.

Доверливост - арбитражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само во согласност со странките.

Правосилност и извршност на арбитражната одлука - Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна.

Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, истата може да се изврши по пат на присилно извршување.

Постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража е уредена со следните акти:

- Правилник на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Одлука за изменување и дополнување на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

Правилник на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија - неофицијален пречистен текст

- Правила за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Одлука за изменување и дополнување на Правилата за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија

- Правила за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија - неофицијален пречистен текст


Арбитражата има две листи на арбитри за спорови без меѓународен елемент кои се водат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија и за спорови со меѓународен елемент кои се водат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија.

 

Арбитражата при Стопанската комора на Северна Македонија има склучено спогодби за соработка со Арбитражите при коморите во Словенија, Хрватска, Бугарија, Украина, Руската Федерација, Србија и Косово.

 

Политика за безбедност на веб страната на Постојаниот суд - Арбитража

1.  Генерални информации

а) Вовед
Ви благодариме за интересот за нашата веб-страна и нашите онлајн услуги. Заштитата на личните податоците на посетителите и нивното користење на нашата веб страна е наш најголем приоритет. Токму затоа, оваа Политика е направена за да ве информира за обработката на вашите лични податоци и кои се вашите права.

б) Контролор
Ние, Арбитражниот суд при Стопанска комора на Македонија согласно Законот за заштита на личните податоци сме контролори и сме одговорни за обработката на личните податоци кои се обработуваат од наша страна.

в) Офицер за заштита на личните податоци
Може да го контактирате нашиот Офицер за заштита на личните податоци Стево Серафимов во секое време на следниве контактни податоци: „Димитрие Чуповски 13“, Скопје, Телефон: [02 3244 032, e-mail: stevo@mchamber.mk.

2. Oбработка на вашите лични податоци при посета на нашата веб страна
Вашата посета на нашата веб-страна ќе биде евидентирана. Исто така, евидентирани ќе бидат и следите податоци: IP адресата што ја користи вашиот уред, датумот и времето, видот на прелистувачот и оперативниот систем на вашиот уред, пристапните страни.

Овие лични податоци се собираат заради оптимизирање и подобрување на нашата веб-страна. Обработката ја засноваме на легитимен интерес, бидејќи наш легитимен интерес е да ја заштитиме нашата веб-страна и да го подобриме нејзиниот квалитет.

•    Формулар за контакт
Можете да го користите формуларот за контакт на нашата веб-страна [линк до формуларот за контакт] за да не контактирате за какво било барање. Личните податоци со кои го пополнувате формуларот за контакт ќе бидат обработени само за одговарање на вашето барање.

•    Cookies/Колачиња
За да ја направиме вашата посета на нашата веб-странa попријатна и да овозможиме употреба на одредени функции, може да користиме „колачиња“.
Колачињата се мали датотеки со текст што се зачувани на вашиот терминален уред. Некои од колачињата што ги користиме се бришат по завршувањето на сесијата на прелистувачот. Други колачиња остануваат на вашиот уред и ни овозможуваат нам или на нашите партнерски компании да го препознаваме вашиот прелистувач при следната ваша посета на нашата веб страна. За поставувањето на различен тип на колачиња, претходно ќе ви биде побарана согласност. Ако колачињата не се прифатат, функционалноста на нашата веб-страница може да биде ограничена.
За да дознаете повеќе за тоа како ги користиме колачињата, можете да пристапите до нашата „Политика за колачиња“ [линк].

•    Обработувачи
Може да користиме трети страни даватели на услуги за обработка на вашите лични податоци.Овие даватели на услуги може да се лоцирани во и надвор од Европската Унија (ЕУ) и Европската економси простор (ЕЕП).
Ние потврдуваме дека овие обработувачи ги обработуваат личните податоци во согласност со европското законодавство за заштита на личните податоците за да гарантираат соодветно ниво на заштита на личните податоците, дури и ако личните податоци се пренесени во земја надвор од ЕЕП за која не постои одлука за соодветност на Агенцијата за заштита на личните податоци.

Преносот на личните податоци на други обработувачи не се извршува, освен во случај кога сме обврзани со закон. За повеќе информации во врска со соодветните заштитни мерки за меѓународен трансфер на личните податоци или копија од нив, контактирајте го нашиот Офицерот за заштита на личните податоци.

•    Период на чување
Личните податоци што се дадени преку нашата веб-страница ќе се чуваат додека не се исполни целта за која се обработуваат. Сепак,  рокот на чување може да се измени и заради наш легитимен интерес (на пр. за да се гарантира безбедност на податоците, да се спречи злоупотреба или да се гонат кривични дела).

3. Ваши права
Вие како субјект на личните податоци, може да го контактирате Офицерот за заштита на личните податоци во секое време за да ги остварите вашите права. Правата кои ги имате се следниве:

•    Право на информации и право на пристап на субјектот до личните податоци
•    Право на исправка на неточни или нецелосно лични податоци
•    Право на бришење на личните податоци
•    Право на ограничување на обработката
•    Право на преносливост на податоците - право да ги добиете ваши лични податоци во стуктуриран, вообичаено користен, машински читлив формат, или да побарате да ги пренесеме тие податоци на друг контролор;
•    Право на приговор против обработката на личните податоци;
•    Субјектот на лични податоци има право да ја повлече согласноста во секое време и да запре обработката на личните податоци базирана на согласноста
•    Право да поднесе барање  до Агенцијата за заштита на личните податоци